Италија | Генералниот извршен директор на Милан, Иван Газидес порача дека во следните години тие нема да фрлаат пари на големи и звучни имиња и ќе се водат по три фундаментални точки.
„Росонерите“ откако не обезбедија настап во Лигата на шампионите започнаа со големи промени. Леонардо си замина а по него и тренерот Џенаро Гатузо. Следен би можел да биде Паоло Малдини, кој ја разгледува новата понуда која ја има на маса да остане на Сан Сиро и да добие поголема фунција,
Медиумите синоќа пренесоа дека Џенаро Гатузо решил да замине бидејќи не му се допаднал планот за идната сезона, односно намерата на Милан да се фокусира на млади играчи а не на оние од светска класа.
Дека нема да се расфрлаат со пари сега потврди и генералниот извршен директор, Иван Газидис кој во долго интервју ги откри плановите за иднината.
„Откако заврши сезоната, време е да го објаснам проектот. Да не заборавиме дека Елион неочекувано ја превзеде контролата над клубот на крајот од јули и требаше да реши големи проблеми за краток период. Наследи клуб кој не можеше да ги подмири обврските, беше во долгови и му се закануваа тешки санкции. Да се соочиме со реалноста, Милан беше спасен, 220 милиони евра беа вложени за да се избегне банкрот а со тоа и можно испаѓање од Серија А“ – вели Газидис.
„Визијата на Елиот е јасна: да се тргне финансискиот товар од Милан и да се врати клубот на прав пат, да се оствари раст и „росонерите“ да станат модерен клуб. Брендот е тука, историјата исто така, но фудбалот еволвира. За да го оствариме ова, треба да се водиме по три фундаментални точки. Прво, потребна ни е економска реогранизација, да станеме способни да генерираме профит и да го реинвестираме. Второ, да го зголемиме квалитетот на тимот, да го вратиме клубот на врвот во Италија и Европа. Трето, да го најдеме правото решение за стадионот. Дали тоа ќе биде Сан Сиро или нов стадион, светот ќе мора да ни завидува“.
„Елиот никогаш не постави временска рамка, немаме рок и нема да ветуваме дека ќе го скратиме потребното време“.
„Доколку некој бара магионичар кој ќе плесне со рацете и ќе отвори куфер полн со пари и ќе ги реши сите проблеми, нема да го најде тука“.
„Веќе имаше премногу илузии и лаги. Приказните за неисполнети убави ветувања се завршени. Ќе го вратиме Милан на врвот но се сериозен пристап и реален пат. Ова не значи дека не можеме да сонуваме, туку да работиме напорно за да ги оствариме сонишата“.
„Тука сум за да донесам искреност, транспарентност и сигурност дека овој славен клуб ќе има светла иднина. Не смееме да ги залажуваме фановите, мора да покажеме почит кон оние кои го обожаваат овој дрес“.
„Трансфер пазарот ќе биде во согласност со правилата за Финансиски фер плеј. Ќе купуваме млади играчи, кои ќе можат да пораснат во Милан, да ја покажат својата вредност и да станат миленици на фановите. Нема да купуваме млади таленти само за да ги продадеме, туку за тие да останат и да испишат нова историја на Милан“.
„Ќе има прав баланс на млади квалитетни играчи и искусни фудбалери со лидерски способности“.
„Нашата стратегија нема да биде инвестирање во фудбалери од светска класа, туку инвестирање во играчи кои можат да станат топ фудбалери во нашиот дрес. Нема да се расфрламе со пари за звучни имиња. Сакаме да изградиме тим за иднина со генерација на млади играчи кои ќе можат да пораснат во клубот, кои се полни со ентузијазам и подготвени за предизвик“.
Извор: 24FUDBAL.com.mk