Швајцарија ја победи големата Шпанија! Најголемиот фаворит за титулата Светски шампион киксираше во својот прв натпревар!

Големо изненадување, Швајцарија со 1-0 го совлада Европскиот шампион, селекцијата на Шпанија!
Црвената Фурија важи за најголем фаворит за титулата Светски шампион, но не започна според очекувањата.
Ретко кој можеше да предвиди дека Швајцарија може да ја совлада Шпанија но тоа се случи, Швајцарците одиграа одличен натпревар, ги неутрализираа нападите на големиот противник, ја искористија својата шанса и заслужено победија.
Шпанија доминираше во текот на сите 90 минути, напаѓаше, но не успеа да го најде патот до мрежата на денеска одличниот голман Беналио.
Овој натпревар доаѓа како вистинско предупредување за Шпанија која не смее да си дозволи уште еден кикс на ова првенство.
Славниот тренер Отмар Хицфелд ја доби битката со неговиот колега од спротивната страна, Винсенте дел Боске.
Шпанија тргна кон голот на Беналио уште од самиот почеток, најголемата шанса во првиот дел ја имаше Пике кој излезе сам пред голманот на Швајцарија кој го одбрани ударот на дефанзивецот.
Шанса имаше и Давид Виља, но шутираше непрецизно крај голот.
Швајцарија не успеа посериозно да го загрози голот на Икер Касиљас во првото полувреме од натпреварот.
Но по само шест минути игра во второто полувреме вистински шок за Шпанија, Гелсон Фернандез најдобро се снајде во шеснаесетникот на фаворитот и постигна гол за водство на Швајцарија од 1-0, Касиљас, Пујол и Пике беа немоќни.
Шпанија го засили темпото во обид да дојде до брзо израмнување, Дел Боске ја појача офанзивата со Торес и Навас, но и тоа не вроди со плод.
Во 70та минута прекрасен обид од далечина на Чаби Алонсо, силен шут кој заврши во пречката од голот на Беналио.
Само три минути подоцна, Швајцарија можеше да зголеми и на 2-0, Дердијок прекрасно се проби помеѓу шпанската одбрана, шутираше по земја но ја погоди само стативата од голот на Касиљас.
Шпанија главно се обидуваше да центрира преку нововлезениот Хесус Навас, но швајцарската одбрана секогаш навреме покриваше недозволувајќи шанси за гол на противникот.
Резултатот остана 1-0 за Швајцарија, големо изненадување, но и покрај тоа што Шпанија во текот на целиот натпревар ја имаше иницијативата, заслужена победа на Швајцарците.
Шпанија: Касиљас, Рамос, Пујол, Пике, Капдевиља, Бускетс (Торес), Иниеста (Педро), Алонсо, Чави, Силва (Навас), Виља
Швајцарија: Беналио, Лихштајнер, Сендерос (Вон Берген), Гричтинг, Ѕиглер, Фернандес, Хугел, Инлер, Берета (Егиман), Н'Кифо, Дердијок (Јакин)
Powered by: 24 FUDBAL.com.mk