Шпанија | Иднината на Кристијано Роналдо останува топ тема во медиумите, се чини дека Португалецот никогаш не бил поблиску до заминување од Сантијаго Бернабеу, но се поставува едно прашање, кој ќе сака да го купи ЦР7...
Кристијано Роналдо се чувствува изневерен од Флорентино Перез поради неисполнетото ветување за нов побогат договор, па сака да го напушти Мадрид.
Кога ЦР7 во ноември 2016 стави потпис на нов договор, доби плата од 21 милион евра и тогаш беше најплатен играч во Европа.
Но потоа следеше рекордниот трансфер на Нејмар во ПСЖ за 222 милиони евра, за кој Бразилецот беше награден со богатство и примања од околу 36 милиони евра по сезона, а и неговиот лут ривал, Лео Меси доби нов договор и плата од 50 милиони евра за тоа што реши да им остане верен на „Каталонците“.
Флорентино Перез сега калкулира и ги разгледува сите опции, па затоа Кристијано Роналдо е разочаран и бара трансфер.
Денешното издание на португалскиот весник Рекорд вели дека претседателот на Реал го известил Жорж Мендеш дека ќе му дозволи на ЦР7 да замине, и му порачал на агентот да му ги достави сите понуди кои ќе пристигнат на адреса на играчот.
Роналдо е еден од најдобрите фудбалер на денешницата и можеби ќе звучи чудно, но се поставува прашањето кој ќе сака да го купи Португалецот?
Реал Мадрид го има обезбедено ЦР7 со клаузула од една милијарда, секако оваа сума нема шанси да биде побарана, но Флорентино Перез ќе бара најмалку 100 милиони евра. Покрај ова, новиот клуб на Роналдо ќе треба да одвои и плата од 50 милиони евра по сезона за да го изедначи со Меси. И иако трансфер пазарот станува се полуд, ова се астрономски суми за фудбалер кој во февруари ќе наполни 33 години.
Манчестер јунајтед беше споменат како дестинацијата која ја префеира Кристијано Роналдо, но уште сега се говори дека „Црвените ѓаволи“ ги фаќа страв од бројките кои се споменуваат и не се премногу заинтересирани за една ваква зделка.
ПСЖ со години се поврзуваат со Роналдо, но тие веќе ги задоволија своите апетити за суперѕвезда со ангажман на Нејмар, кој ќе треба да биде број 1 во годините кои претстојат, а тука е и тинејџерот Килијан Мбапе.
Дон Балон вели дека „Светците“ би можеле да го купат Кристијано Роналдо доколку добијат ветување дека Реал Мадрид нема да го „пипне“ Нејмар, но Флорентино Перез не помислува да даде еден ваков збор бидејќи го гледа Бразилецот како новиот „Галактико“ кој треба да го замени Кристијано Роналдо.
Клубови од Кина имаат финансии за реализирање на една ваква зделка, но прашање е дали Кристијано Роналдо сака да игра во првенство кое е далеку под неговите квалитети. МЛС исто така е опција, но веројатно за неколку години, кога ЦР7 ќе биде на залезот на кариерата во Европа.
Останува да се види како во следните неколку месеци ќе се одвива ова надмудрување помеѓу Флорентино Перез и Кристијано Роналдо и кваква ќе биде иднината на ЦР7 по крајот на летниот преоден рок.
Извор: 24FUDBAL.com.mk