Македонија | Наместо да ги поништат резултатите на откажаната Могила, некој решил сите нивни натпревари да ги доделува службено со што директно е прекршен правилникот за натпреварување на ФФМ и се ризикува сезоната да заврши скандалозно...
Скандал во Третата Лига Југо-запад. Чудно е како раководните луѓе донесуваат одлуки без да го консултираат правилникот за натпреварување на Фудбалската федерација поради што можно е сезоната во оваа трета лига да има скандалозен крај.
Екипата на Могила се откажа од натпреварувањето откако одигра 15 кола. Во 16. коло гостуваше кај Кравари и незадоволни од судењето го нападнаа судијата во 90. минута откако досуди пенал за домашната екипа. Натпреварот беше доделен 3:0 за Кравари, а во знак на протест Могила се откажа.
Еве што вели правилникот на ФФМ при вакви ситуации: „Ако клуб се расформира, екипата го напушти натпреварувањето или е дисквалификувана по одиграната есенска сезона или за време на првата половина на пролетната сезона (доколку одиграл помалку од 50% од натпреварите) сите негови натпревари од есенскиот дел се признаваат со постигнатиот резултат, а натпреварите кои ги одиграл и требал да ги одигра во пролетната сезона ќе се сметаат како неодиграни и не влијаат на пласманот на табелата.“
Пролетниот дел од сезоната, исто како и есенскиот, брои 11 кола. Од нив, Могила во пролетниот дел одигра 5 вклучувајќи го и прекинатиот во Кравари, што значи дека недостасуваат 6 и поради тоа не го исполнува условот за одиграни 50% од натпреварите во пролетната полусезона, како што стои во правилникот. Одиграните натпревари на Могила во пролетниот дела треба да бидат поништени (колата 12, 13, 14, 15 и 16), додека останатите шест никако не смеат да бидат доделувани со службени 3:0 како што моментално се прави.
Еве како изгледа табелата според „правилата“ на Третата Лига Југо-запад, а како треба да изгледа според правилникот за натпреварување на ФФМ (во заграда):
Новаци 44 (43)
Велешта 42 (39)
Лабуништа 35 (35)
Фламуртари 36 (33)
Кораби 31 (28)
Преспа 29 (26)
Кравари 29 (26)
Могила 31 (24) дисквалификуван
Влазними 23 (23)
Караорман 24 (21)
Лириа 16 (16) (можно испаѓање)
Поешево 14 (11) испадна
До крајот има уште едно коло во кое Лириа ќе добие службени бодови против Могила кои нема да влијаат врз нивниот пласман.
Но, она што може многу да промени е борбата за првото место. Според неправилната табела Новаци има 2 бода предност пред Велешта, па доколку во последното коло Новаци загуби во Лабуништа, а Велешта победи кај Фламуртари во Радолишта, тогаш Велешта ќе биде шампион.
Табелата според правилникот на ФФМ вели дека Новаци веќе е шампион бидејќи има 4 бода повеќе од Велешта, но таа табела не ја признава Третата Лига Југо-запад иако е според правилата.
фото: Tec Photography
Филип Здравески
Извор: 24FUDBAL.com.mk