Италија | Бомбардерот Бобо Виери призна дека и покрај лошата разделба со Интер, тој секогаш ќе го сака тој клуб бидејќи најдобриот период од кариерата го минал токму таму...
Кристиан Виери беше идол на илјадници навивачи на Интер, но неговата горчлива разделба со клубот фрли темна сенка на сè она што тој го направи за клубот. Конечно, Виери си ја отвори душата и кажа што и како било, најважно за навивачите на Интер дека тој никогаш не престанал да го сака клубот.
„Срамота е како се заврши приказната. Јас го сакам Интер, давав сè од себе играјќи за нив, секојдневно се убивав себеси за црно-сините бои. Прв доаѓав на тренинзи и последен си одев. Никогаш не се откажував, некогаш играв дури и кога не бев во состојба.“
Причината за сета лутина беше што претседателот Масимо Морати наредил да му се прислушкува телефонот. Тоа беше времето кога во Италија беше разоткриен големиот фудбалски криминал воден од Лучано Моџи, спортскиот директор на Јувентус, а главните докази беа собрани благодарение на прислушкувани телефони.
„Мојот однос со Морати беше посебен и силен. Се слушавме неколку пати на ден, дури и во 3 на сабајле. Тој правеше да се чувствувам дел од семејството. Сè што тој требаше да направи беше да биде директен со мене и јас немаше да имам проблеми да си заминам. Во воздухот се чувствуваше дека сакаат да направат големи промени и по 6 години беше и нормално да сакаат да пробаат нови играчи. Но ,зошто тоа да не можеше да го средиме помеѓу нас? Зошто тој направи така сè да се заврши?“
„Еден ден му реков: „Претседателе, не се грижете. Ако треба да си заминам само кажете ми, нема да има проблем.“ А тој ми рече: „Не. не, Интер сме јас и ти и јас сакам ти да останеш.“ Јас инсистирав бидејќи сакав да бидам сосема сигурен: „Навистина го мислам тоа претседателе, ако има проблеми...“, на што тој јасно возврати: „Сè е во ред.“ Eпа не беше баш во ред кога дознав дека ми го прислушкувал телефонот.“
Но, како што велат, времето лечи сè...
„Ако денес го видам ќе се ракувам и ќе го гушнам. Јас секогаш ќе му бидам благодарен што потроши толку пари за да ме донесе од Лацио и ми овозможи да поминам 6 прекрасни години опкружен со огромна љубов од навивачите.“
„Јас дури и мислам дека претерано ме сакаа, но ми се допаѓаше да им бидам идол. Чувствував притисок, но пресреќен бев гледајќи колку се гордеат со мене. Ќе излезев на терен за да се загревам, а стадионот ми ракоплескаше, тоа се чувства кои вредат повеќе од сите трофеи.“
Виери за Интер играше од летото 1999 години сè до летото 2005. За тоа време одигра вкупно 190 натпревари на кои постигна 123 гола. Освои само еден трофеј и тоа Копа Италија во 2005.
„Никогаш не би можел да го мразам Интер, тоа нека им биде јасно на сите! Тоа едноставно не е можно бидејќи тоа беа најдобрите 6 години од мојата кариера. Јас дадов сè за тој клуб, дадав голови скоро на секој натпревар, страдав, славев и доживував емоции какво што никогаш никаде не ги почувствував.“
Извор: 24FUDBAL.com.mk