Англија | Без разлика на големината на Ван Гал како фудбалски стручњак се поставува прашањето дали тој е вистионскиот човек за функцијата менаџер на Манчестер Јунајтед. Дали е тој човекот што ќе ја продолжи визијата на Алекс Фергусон за создавање на фудбалски клуб...
Можеби неговото реноме, фудбалско знаење, освоените титули го прават идеален за менаџерската функција во Јунајтед, но со неговите последни изјави на повидок е неуспех. И Дејвид Мојс доживеа неуспех при неговото менаџирање со клубот, но таквиот неуспех беше одраз на лоши тактички замисли, неприспособување на дел од ирачите на новиот тренер и несаканите повреди на дел од клучните играчи. Неуспехот на Ван Гал би бил предизвикан од неговите ставови кои кај играчите делуваат со негативна психолошка димензија.
Ваквата анализа беше предизвикана после неговата изјава за повредата на Кевин Стротман и неговото отсуство од репрезентацијата на Холандија за претстојното светско првенство во Бразил. Ван Гал излезе со интервју во кое кажа дека повредата на Стротман е огромна загуба на репрезентацијата и дека иако во составот ги има Ван Дер Варт и Снајдер, сепак никој нема да може да го замени Стротман.
Ваквите размислувања се сосема дијаметрално спротивни од сето она што Фергусон 26 години макотрпно го градеше во Манчестер Јунајтед. Во Јунајтед доаѓаа голем број на играчи, повеќето како анонимци , а си заминуваа како фудбалски ѕвезди, но во ниту еден момент, при ниту едно заминување на играч од клубот немаше изјава од типот на Ван Гал - тој е незаменлив.
Во својата автобиографија Фергусон вели дека има една вечна вистина за Манчестер Јунајтед, а тоа е дека секогаш може да создадат нови играчи, нови имиња, без разлика кој си оди од клубот.
Сега кога Ван Гал е назначен за нов менаџер на Манчестер и кога се поголеми се најавите дека и Стротман ќе му се пруклучи во новиот тим, доведена е во прашање институцијата наречена Манчестер Јунајтед. За време на целокупниот менаџерски ангажман на Фергусон, во ниту еден момент не беше доведена во прашање неговата позиција, неговиот став, размислувања. Секогаш велеше дека никој од играчите не може да има посилно влијание од менаџерот, а кога таква ситуација беше на повидок, тогаш играчот мораше да го напушти клубот. Со тоа го чуваше својот авторитет и интегритет.
Замислете какво влијание би имало ваква изјава врз фудбалерите на Јунајтед? Како би се почуствувале Керик, Флетчер и Клеверли? Каква би била нивната мотивација за игра? Каков би бил односот со тренерот надвор од соблекувалните? Кога тренираш фудбалски клуб од рангот на Јунајтед менаџирање не се сведува само на тренинг и утакмица. Тука има нешто повеќе. Живееш како фамилија, а во фамилиите нема истакнување на поединци. Тука сите работат за еден, еден за сите. Можеш да го отстраниш некој играч од неколку натпревари да не игра доколку му паднала формата или направил други непрофесионални грешки, но сето тоа да биде во насока на подобрување на неговата форма и враќање во уште поголем стил. Сер Алекс Фергусон секогаш велеше дека секој менаџер е во предност бидејќи знае дека играчот сака да игра. Сите сакаат да се во игра и точка. Па кога ќе ги лишиш од тоа задоволство, ги лишуваш од животот. И ете ти ја најмоќната алатка. Поголема моќ од тоа – нема.
Со пристапот на Ван Гал, тој никогаш нема да знае дали играчот навистина сака да игра, и нема да знае дали вистински го лишува од неговото задоволство, а со тоа челниците и фановите на Манчестер Јунајтед никогаш нема да знаат дали неговата моќ ќе биде почитувана и насочена кон остварување на вистинските цели и заложби на клубот.
Пишува: Дејан Јанчевски
Извор: 24FUDBAL.com.mk