СП 2014 | Репрезентација со голем потенцијал и фантастичен тренер, може ли во Бразил да блесне потценетата селекција на Швајцарија...
Хелветската конфедерација или Швајцарија, земјата каде се прават “најточните” часовници, најдоброто чоколадо, и каде секој би посакал да има банкарска сметка, во досегашните учества на мундијалите бележеше само епизодна улога. Токму поради тој факт во 2008 година фудбалската федерација за кормилар го постави Отмар Хицфелд. Човекот кој освои се што можеше да се освои во Германија, си најде нов предизвик во својата кариера, и тоа огромен. Не се нафати Хицфелд само да ја извршува функцијата менаџер на репрезентација која би се задоволила со учество на големо напреварување. Низ неговите вени тече победничка крв. Но не му беше лесно да стигне до тука. Со него почна периодот на смена на генерации, процес кој дури е тежок и за клубовите, не пак за репрезентација каде на располагање имаш ограничен број на фудбалери. Но Хицфелд како да го прати некоја среќна ѕвезда, па таквиот ограничен ростер на домашни фудбалери му се прошири благодарение на тоа што Швајцарија ги отворила вратите за голем број на емигранти од Европа.
Сигурно дека презимињата од типот Инлер, Шакири, Џемаили, Бехрами, Мехмеди, Гаврановиќ, Сеферовиќ и Дрмиќ не звучат баш швајцарски, но токму тие со гордост го носат дресот на државата која ја прифатиле за своја татковина без разлика на потеклото. Швајцарија ги заврши квалификациите како прво пласирана во групата Е со 24 бодови од 10 натпревари, без пораз, пред репрезентацијата на Исланд. Анализирано во периодот од 2012 до пред почетокот на светското првенство во Бразил 2014, Швајцарија има само три порази во 19 натпревари, а притоа славеле над репрезентации како Бразил, Германија и Хрватска. Сето ова дава јасна претстава за сериозноста на оваа репрезентација и нејзиниот потенцијал.
Иако многу аналитичари сметаат дека вистинското светло оваа генерација на фудбалери ќе го покаже на следното европско првенство, сепак Хицфелд би ја зграпчил и најмала шанса која би му се укажала за успех на овој мундијал. Доколку тука успее да ги надмине очекувањата, кои можеби се ниско поставени, тогаш понатаму се ќе биде полесно. Релативно лесна група им се падна при ждребот, па така ќе ги одмерат силите со аутсајдерите Еквадор и Хондурас, а ривал со кој ќе се борат за првата позиција во групата ќе биде Франција.
Формацијата 4-5-1 би требало да ги отслика замислите на Хицфелд за ова светско првенство иако улогата на главниот напаѓач не е целосна јасна поради дефицитот од класичен центарфор, но и поради замислите на Хицфелд за игра со повеќе додавања, трчање во дефанзива и убоити полуконтри и контра напади. Недостигот на напаѓачи би требало да се надополни преку офанзивните бекови Родригез и Лихштајнер, кои треба да и дадат ширина на играта во нападот, а таквиот “луксуз” ќе се надополни со големиот број на дефанзивни играчи за врска, пред се тројката на Наполи, Бехрами-Инлер-Џемаили. Улогата на лидер на тимот, иако сеуште релативно млад, треба да ја понесе Шакири и со тоа да му докаже на Гвардиола дека неговите квалитети се на нивото на Баерн Минхен. Голманската позиција му дава отворени прилики на Хицфелд да ги ротира одличните голмани Диего Бенаљо и Јан Сомер, а натпреварите во групата го дозволуваат тоа.
Светското првенство за играчи до 17 години во 2009 година го означи стартот на одличнити игри на Швајцарија каде се закитија со златен медал. Од таа генерација во сегашниот состав има 4 играчи што дополнително говори за правилниот пат по кој се движи фудбалот во оваа земја. Давањето шанса на помладите играчи доволно зборува за напредокот на репрезентацијата, аспирациите, односот кон играчите и стекнувањето самодоверба. Ваквиот пристап не може да не даде позитивни резултати, а Хицфелд е голем мотив плус за играчите да ја “валоризираат” укажаната шанса.
Автор: Дејан Јанчевски
Извор: 24FUDBAL.com.mk