СП 2014 | Италијанската филозофија на игра и рускиот менталитет заедно со големото искуство би можеле да бидат доволни за Русија да направи вистински подвиг на ова светско првенство...
Руската фудбалска селекција уште од нејзините почетоци најпрво во федерација како Советски Сојуз, а и потоа како самостојна држава секогаш оставала подобар впечаток кога станувало збор за европските првенства, каде има освоено еден златен медал, два сребрени и едно четврто место, за разлика од мундијалите каде највисокото достигнување е четвртото место на светското првенство во Англија 1966 година.
Многу тренери се сменија на кормилото на Зборнајата, меѓутоа се чини притисокот е најголем токму врз актуелниот, Фабио Капело. Ваквиот притисок се зголемува уште повеќе во ситуација кога Русија почнува да го враќа приматот како светска велесила, кога нејзината геостратешка позиција му овозможува да превзема ризични потези, во време кога руските бизнисмени владеат со фудбалските гиганти од Европа и последно но никако најнебитно е фактот што ова светско првенство можеби ќе биде последно за голем дел од актуелните фудбалери на Руската репрезентација.
Во еден ваков сплет на околности Капело делува доста смирено и се чини дека сака да го тргне товарот и притисокот од фудбалерите најавувајќи дека Русија не би атакувала за пехарот, препуштајќи им ја фаворитската улога на останатите аспиранти за највисокото одличје.
Русија својот прв натпревар во групата Х ќе го игра против селекцијата на Јужна Кореа, додека следни противници со кои ќе ги одмерат силите се селекциите на Белгија и Алжир. На хартија Русија и Белгија се фаворити и скоро извесно е дека токму тие две селекции ќе продолжат во нокаут фазата, но многу важно е која од овие две селекции ќе биде прва во групата. Од гледна страна на Русија ова е доста битен момент, не поради добивање евентуален “послаб” противник, туку поради тоа што Белгија важи за репрезентација од која многу се очекува пред почетокот на првенството и токму поради тоа, евентуална победа над Белгија сосема би го сменил погледот кон репрезентацијата на Русија, а сигурно и самодовербата на играчите и кохезијата во тимот би нараснала на највисоко ниво.
Италијанската филозофија на игра, рускиот менталитет заедно со големото искуство би требало да бидат доволни за Русија да направи вистински подвиг на ова светско првенство.
Со Акинфеев на голот, браќата Березутски, Игнашевич, Ањуков и Жирков во одбраната, со Бистров, Широков и Денисов во средниот ред и со напаѓачите Кержаков и Погребњак, Капело собира искусни играчи кои би требало да понесат голем дел од одговорноста. Меѓутоа Капело е искусен тренер и никако не би можел да ја изостави групата на млади играчи кои ќе му донесат полетност, свежина и креативност во играта, па така во својот состав ги повика одличните Џагоев, Шеников, Шатов, Логидин и Кокорин.
Се чини дека Руската машина ќе проработи и ќе го има можеби најдобриот настап во нејзината историја, а доколку некаде запне, секогаш ќе остане отворено прашањето околу матните бизнис зделки на руските мултимилијардери, кои се во најтесна врска со фудбалот, па така може да бидеме сведоци и на доста чудни резултати. Меѓутоа се надеваме ваквите шпекулации ќе останат само теоретски, и ќе бидеме сведоци на одлична претстава прикажана од секогаш борбената Русија.
Колумната за Русија завршува тука, но доколку Зборнаја не потфрли, ќе имаме уште многу други во кои ќе пишуваме за успесите на руската фудбалска репрезентација. Можеби најдобриот совет кој Капело би им го дал на своите играчи е напишан од големиот Достоевски кој вели „Arriving at one goal is the starting point to another”. Токму така, чекор по чекор, со една заедничка цел Русија може да биде испишана со златни букви на фудбалската карта.
Автор: Дејан Јанчевски
Извор: 24FUDBAL.com.mk