Лига Европа | Валенсија надополни три гола негатива и со историски пресврт се пласираше помеѓу четирите најдобри во Лига Европа, каде уште се најдоа и Јувентус, Севиља и Бенфика...

Најдраматичниот натпревар вечерва се одигра на Местаља, каде Валенсија стана првата екипа што успеа да анулира три гола негатива во Лига Европа.
Се чинеше дека Базел со една нога е во полу-финале, откако минатата недела стигна до убедлива победа од 3-0 пред своите фанови, но фудбалерите на ’Лос Че’ не се откажаа.
Отпорот на гостите беше скршен во 38. минуга, Алкасер на гради одлично смири едно додавање на Переира и рутинси го совлада голманот на Базел.
Пет минути подоцна домаќините зголемија на 2-0. По еден корнер од левата страна, Варгас беше највисок во скокот и го совлада Зомер.
На 20 минути до крајот, Валенсија успеа да ја анулира предноста на Базел, Алкасер биеше неодбранливо под пречката од врвот на шеснаесетникот за 3-0.
Во првото продолжение од 15 минути, Базел остана со двајца играчи помалку, откако Диаз доби директен црвен картон а Сауро втор жолт.
Валенсија го искористи ова во второто продолжение, Алкасер стигна до хет-трик во 114. минута, а конечните 5-0 ги постави Бернат во 118. минута.
’Старата Дама’ минатата недела заврши голема работата кога славеше со 1-0 на гостувањето кај Лион, а вечерва со нова победа само го потврди пласманот во следната рунда.
Пирло со прекрасен гол од слободен удар донесе предност уште во 4. минута.
Бриан изедначи на 1-1 во 18. минута и врати малку надеж кај гостите дека можат да обезбедат добар резултат.
Сепак во 68. минута ударот од далечина на Маркизио се одби од Умтити, го измами голманот, и заврши во мрежата на Лион за предност на Јувентус од 2-1 и решавање на сите дилеми околу патникот во полу-финалето.
Бенфика забележа уште една победа над АЗ Алкмар, овој пат од 2-0 пред своите фанови.
Родриго постигна по еден гол во двете полувремиња, а во двата наврати улогата на асистент ја имаше Салвио.
Севиља со одлична игра и убедлива победа од 4-1 го елиминираше Порто.
Тимот од Андалузија бркаше еден гол негатива, која беше анулирана на самиот почеток.
Судијата покажа на белата точка во 5. минута, а сигурен реализатор на најстрогата казна беше Ракитиќ.
Потоа следеа два погодоци во период од 180 секунди, најпрво Витоло зголеми на 2-0 во 26. минута, а Бака стрелаше прецизно за 3-0 во 29. минута.
По десетина минути игра во вториот дел, Севиља остана со играч помалку откако Коке заработи втор жолт картон.
Но гостите не успеаа да ја искористат бројчаната предност.
Одбраната на Порто капитулираше одново во 79. минуга, кога по еден брз контра напад, Гамеиро се запиша во листата на стрелците.
Во втората минута од судиското надополнување, Кварезма само постигна почесен гол за Порто и ги постави конечните 4-1.
Извор: 24FUDBAL.com.mk