Лига на Шампиони | ’Наполитанците’ славеа со 2-0 над Арсенал, но тоа не беше доволно за тимот на нашиот Горан Пандев да забележи прогрес во нок-аут фазата...
По вечерашните натпревари, познати се сите учесници во осмина-финалето од најелитното европско натпреварување.
Во Групата Е, Челзи со минимална победа од 1-0 над Стеауа го потврди првото место.
Стрелец на единствениот погодок беше Демба Ба во 10. минута од средбата. По еден корнер од десната страна, Оскар ја префрли топката на втората статива, каде напаѓачот на Челзи рутински ја затресе межата на гостите.
Шалке со 2-0 славеше над Базел и на тој начин го обезбеди второто место во групата.
Откако мрежите мируваа во првите 45 минути, средбата беше решена на стартот од вториот дел.
Најпрво Дракслер го отвори резултатот во 51. минута, а потоа Матип се запиша во листата на стрелците за водство од 2-0 на домаќините.
Во Групата Ф имаше драматична завршница во која најмногу загуби Наполи, тимот на нашиот Горан Пандев беше елиминиран од Лигата на Шампионите.
Пред почетокот на вечерашните натпревари, ’Наполитанците’ беа пред невозможна мисија бидејќи им беше потребна победа од 3-0 за сигурен пласман во следната фаза.
Сепак, благодарејќи на неубедливата игра на Борусија Дортмунд на гостувањето кај Марсеј, Наполи беше многу блиску до осмина-финале.
Во 73. минута од средбата на Сан Паоло, Гонзало Игуаин ги донесе домаќините во водство од 1-0, и во тој момент овој резултат го носеше Наполи во нок-аут фазата со оглед на тоа што натпреварот во Франција беше 1-1.
Но работите се променија откако Кевин Гроскојц стрелаше прецизно во 87. минута и ја донесе Борусија Дортмунд до водство од 2-1 во завршницата од пресметката на Стад Велодром.
’Наполитанците’ стигнаа и до предност од 2-0 преку Каљехон во 93. минута, но тоа не беше доволно за прогрес во осмина-финалето.
На крајот, ’Милионерите’ го освоија првото место во групата, Арсенал заврши како втор, а Наполи ќе игра во Лига Европа.
Во Групата Г, Атлетико Мадрид со триумф од 2-0 над Порто само го потврди врвот на табелата.
’Јорганџиите’ со головите на Раул Гарсија во 14. минута и Диего Коста во 37. минута му пресудија на Порто и го елиминираа тимот од Португалија од Лигата на Шампионите.
На вториот натпревар, Австрија Виена со убедливи 4-1 славеше над Зенит и стигна до првата победа во дебитанската сезона во најелитното европско натпреварување.
Кержаков ги донесе гостите од Русија во водство во 35. минута, а Хосинер изедначи во финишот на првиот дел.
На стартот од второто полувреме, домаќините поведоа со 2-1 преку Јун, а потоа следуваше и вториот гол на Хосинер за предност од 3-1.
Конечниот резултат беше постигнат во 93. минута кога во листата на стрелците се запиша Кинаст.
И покрај тоа што загуби, Зенит се пласираше во нок-аут фазата благодарејќи на победата на Атлетико Мадрид над Порто.
Во Групата Х, Милан се избори за реми против Ајакс и на тој начин го обезбеди второто место.
’Росоњерите’ повеќе од еден час играа со фудбалер помалку, откако Рикардо Монтоливо беше исклучен во 22. минута.
Ајакс го имаше поседот на топката, креираше неколку шанси, но домаќините одлично се бранеа и ја зачуваа сопствената мрежа.
Барселона со убедлива победа од 6-1 над Селтик ја заврши групната фаза.
Пике ги доведе ’Каталонците’ во предност на стартот на натпреварот а Педро Родригез зголеми на 2-0 во 40. минута.
Потоа следуваше хет-трик на Нејмар, Бразилецот трипати се запиша во листата на стрелците во период од 13 минути.
Тељо стрелаше прецизно во 72. минута за предност од 6-0, а почесниот гол за гостите го постигна Самарас во завршницата од натпреварот.
Извор: 24FUDBAL.com.mk