Лига на Шампиони | Со победите над Реал Сосиедад односно над Андерлехт, Баер Леверкузен и Олимпијакос обезбедија пласман во следната рунда од Лигата на Шампионите...
По одигрувањето на вчерашните натпревари, познати се патниците во нок-аут фазата од групите А, Ц и Д.
Поради снежното невреме на средбата помеѓу Галатасарај и Јувентус, последниот патник од Групата Б ќе биде познат попладнево.
Во Групата А, Баер Леверкузен обезбеди пласман во следната рунда со минимална победа од 1-0 на гостувањето кај Реал Сосиедад.
Стрелец на единствениот погодок вреден три драгоцени бода беше Омер Топрак на стартот од второто полувреме.
Во корист на ’Фармацевтите’ им одеше и резултатот од средбата помеѓу Манчестер Јунајтед и Шахтјор.
’Црвените Ѓаволи’ не дозволија изненадување и со голот на Фил Џонс во 67. минута стигнаа до нова победа со која го заверија првото место во групата.
Реал Мадрид со победа од 2-0 на гостувањето во Копенхаген само го потврди лидерскиот статус во Групата Б.
Резултатот го отвори Лука Модриќ со прекрасен удар од преку 25 метри, а конечниот резултат беше поставен на стартот од вториот дел кога Кристијано Роналдо се запиша во листата на стрелците.
Тоа беше 800-тиот покодок за ’Кралевите’ во Европа, а воедно и деветиот гол на Португалецот во групната фаза, со што CR7 постави нов рекорд.
Вториот патник од оваа група ќе биде познат попладнево, откако средбата помеѓу Галатасарај и Јувентус вчера беше прекината поради снежно невреме во Истанбул.
Натпреварот ќе продолжи од 31. минута со резултат 0-0. Домаќините мораат да победат доколку сакаат да се пласираат во нок-аут фазата.
Во Групата Ц, Олимпијакос со победа од 3-1 над Андерлехт го обезбеди второто место и продолжување на настапот во најелитното европско натпреварување.
Савиола го отвори резултатот во 33. минута, но гостите брзо возвратија преку Кљештан.
Домаќините промашија пенал преку Савиола на стартот од вториот дел, но напаѓачот ја исправи грешката во 58. минута кога ги донесе домаќините во водство од 2-1. Конечниот резултат беше поставен во петтата минута од судиското надополнување, Домингез стрелаше прецизно од белата точка.
На вториот натпревар, Бенфика славеше со 2-1 над ПСЖ но тоа не беше доволно за тимот од Португалија да се пласира во нок-аут фазата.
Кавани ги донесе гостите од Париз во предност во 37. минута, Лима изедначи од пенал во финишот на првото полувреме, а Гаитан во 58. минуга ги постави конечните 2-1.
Во Групата Д, Манчестер Сити славеше на гостувањето кај Баерн со 3-2, но тоа не беше доволно за ’Граѓаните’ да го обезбедат првото место.
Се чинеше дека ’Баварците’ ќе стигнат до нова лесна победа откако со головите на Томас Милер и Марио Геце стигнаа до рано водство од 2-0.
Но гостите не се предадоа, најпрво намалија преку Давид Силва во првото полувреме, а со погодоците на Коларов и Милнер во вториот дел направија комплетен пресврт.
На вториот натпревар, Плзењ во драматична завршница славеше над ЦСКА Москва, со што домаќинот си обезбеди учество во Лига Европа.
Гостите преку Муса поведоа во 65. минута, играчите на Викторија Плзењ не се откажаа и преку Колар и Вагнер го свртеа резултатот во своја корист и победија со 2-1.
Извор: 24FUDBAL.com.mk