Цената на батериите ги прави електричните возила поскапи од преостанатите, но технологијата прогресира рапидно, така што батериите наскоро ќе бидат значително поевтини, а со тоа и нивната цена...
Eлектричните возила имаат десет пати помалку делови од стандардните
Електромотори - заштеда на енергија или нова бизнис-стратегија
Електричниот скутер што го возам троши пет денари за поминати 50 километри, или на 1.000 километри трошам 100 денари за струја, ни раскажа енергетичарот Кирил Минанов, кој извесен период го користи електричното возило како превозно средство.
- Батериите за електроскутерот се два сета по еден киловат-час и можат да се демонтираат и да се качат дома или директно да се полнат. Јас ги полнам по 22 часот, односно во евтината тарифа, која е 2,9 денари - вели Минанов, додавајќи дека моторот со моќност до три киловати се полни околу пет часа.
Тој смета дека електричниот скутер е најинтересен за масовна употреба на среден рок во Македонија, поради достапноста и цената. Минанов, кој е и претседател на здружението „Електромобилност“, вели дека електричните возила имаат десет пати помалку делови од возилата што доминираат по патишта низ Европа.
- Јас тука гледам шанса за индустриско производство на македонски компании за делови за електромобилната индустрија во европски и во светски опсег. Гледано конструкторски, електромоторот има само два дела, статор и ротор, а од друга страна, моторите на алтернативните возила имаат над стотина делови, систем за влез на гориво и систем за издувни гасови, систем за палење, клипови, склопки... Премногу децении потрошено врвно инженерство и ресурси за алтернативен мотор, кој секогаш ја губел и ќе ја губи битката со супериорноста на електромоторот - објаснува Минанов.
Тој додава дека трошоците за одржување на овие возила се значително помали од возилата со внатрешно согорување, бидејќи имаат помал број делови, со што и можноста за дефекти и цената за сервисирање и за одржување се помали, додека, пак, трајноста е поголема.
Бизнис-можности
Минанов вели дека со актуелните цени на електричната енергија и фосилните горива, при груба процена или споредба, за едно возило да помине 100 километри предноста на електричните возила е десет пати поголема. Македонија е зависна од фосилните горива, чија цена секоја година расте, а од друга страна, според Минанов, цената на електричната енергија има шанси преку алтернативни извори на енергија да биде и значително поповолна.
- Полначите за електрични возила се направени како фотоволтаични станици и паркинзи. А Македонија со 280 сончеви дена во годината има голем потенцијал и простор за работа - вели претседателот на здружението.
Директорот од Агенцијата за енергетика, Александар Дуковски, појаснува дека се планира поставување полначи за вакви возила на најфреквентните локации во Скопје, а во идните фази ќе се поставуваат низ целата држава.
- Има идеја полначите што ќе се постават, наместо да користат енергија од мрежата, да користат обновливи извори на енергија, сончева и ветерна. Предвидено е за корисниците на електрични возила со бесплатното полнење да биде обезбедено и бесплатно паркирање, како и лесна достапност за полнење на секоја бензинска пумпа - додава Дуковски.
Стимулации за купување електрично возило
Минанов признава дека засега цената на батериите ги прави електричните возила поскапи од преостанатите, но, според него, технологијата прогресира рапидно и тој очекува наскоро батериите да бидат значително поевтини, а со тоа и цената на возилата.
- Разликата во цената меѓу електричните возила и оние со мотор со внатрешно согорување можеме да ја компензираме како и сите европски држави со стимулации. Може да се воведат намалени даноци, директни стимулации при купување вакви возила, но и за конвертирано возило и до 5.000 евра, што може да создаде простор за бизнис-модели. Потоа бесплатни паркинзи и патарини, бесплатно полнење на јавните паркинзи, бесплатна регистрирација и други начини со кои ќе се стимулираат граѓаните и компаниите да набават електрични возила - истакнува Минанов, кој преку здружението предлага за секој купен електричен скутер, општините да стимулираат и до 12 илјади денари. Стимулации може да се даваат и за електровелосипеди.
Владимир Сарач од Агенцијата за енергетика исто така се согласува дека треба да се намалат даноците при увоз на електрични возила или да се ослободат од акцизи ако се подарок од странски донатори и се наменети за државните органи, општини, јавни установи, кои треба да бидат пример за користење на овие возила.
Енергетичарите додаваат дека струјата е поевтина од горивата, потоа дека овие возила создаваат помалку бучава и помалку го загадуваат воздухот.
- Значително намалување на локалното загадување на воздухот, намалено испуштање на гасовите и помала зависност од увоз на нафта и нафтени деривати, но и покрај потенцијалните придобивки, широкото прифаќање на електричните автомобили се соочува со неколку пречки и ограничувања. Бидејќи тие се значително поскапи од возилата со класични мотори и хибридните електрични возила, постои недостигот од инфраструктура за полнење на возилата, како и ограниченото растојание што можат да го поминат - посочува Дарко Ангелков, стручен соработник во Агенцијата за енергетика.
Искусни електро и машински инженери од здружението на електрични возила „Електромобилност“-Македонија ќе предложат градот Скопје и ЈСП за да почнат пилот-проект за самоградба на електричен автобус, што, според нив, би било можност за создавање успешно македонско инженерство.
Електромобилите присутни насекаде
Сите европски и прогресивни технолошки земји имаат програми за развој на електромобилноста. На пример, Кина десет години низ улиците има електрични возила во масовна употреба. Естонија е достоен пример каде што Владата направи инсталација на полначи низ целата земја и купи огромен број електрични возила како иницијатор на процесот.
Досега најголем чекор во развојот и промовирањето на електричните возила има направено компанијата „Тесла“ од САД, каде што градењето на инфраструктурата во САД е на товар на самата компанија.
Регионален пример за промоција на електричните возила би била Словенија, каде што се направени големи напори за промоција и за искористување на овие возила. Интересен пример за промоција на овој вид транспорт е и Бугарија, каде што постојат и „гаражи“ што прават модифицирање на обичните возила во електрични возила.
Извор: НОВА МАКЕДОНИЈА